Не стивнуваат реакциите за Рашковски – „Судството СДСМ-ДУИ донесе слобода за криминалци“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не стивнуваат реакциите откако поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски од затворски беше пуштен во домашен притвор. Според опозициската ВМРО ДПМНЕ, ваквата одлука уште еден показател за како што велат, заробениот правен систем од страна на Зоран Заев.

„Откако во јавноста се слушнаа информации дека Драги Рашковски е спремен да “пропее“ за криминалите на Зоран и Вице Заеви, а имајќи предвид дека ги знае сите нив затоа што им е човек од доверба и еден од најблиските соработници, се случија две работи, прво, Зоран Заев изврши јавен притисок врз обвинителството во интервју за неделникот Фокус, во кое што јасно кажа дека не се согласува со одлуката на обвинителството и мисли дека Драги Рашковски е невин, што е скандал сам по себе затоа што премиерот како носител на извршната власт не смее да се меша во законодавната и судската власт, во случајов се меша во судската власт, и втора работа која што се случи како резултат на тој притисок, вчера Драги Рашковски беше ослободен“, истакна Александар Николовски.

Со реакција се јавија и од албанскатаопозиција од каде што велат дека ослободувањето на Рашковски од Шутка доаѓа по изјавата на премиерот Зоран Заев дека не и верува на обвинителката, туку верува дека Рашковски е невин.

„Владата СДСМ-ДУИ досега ги ослободи, амнестира, или спаси во различни форми сите поранешни и актуелни функционери, од секаква одговорност пред законот. Уште еден од главните криминалци на Владата кој со парите на граѓаните стана милионер, одмараше во Мексико и купува луксузни станови и возила, се спаси од политичкото судство на СДСМ и ДУИ“, посочуваат од Алијанса за Албанците/Алтернатива.

Запрашан дали смета дека Рашковски е невин, вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски на денешната пресконференција одговори:

„Мислам дека конечно ги ослободивме институциите, а судството и обвинителството треба да си продолжат да си ја вршат својата работа и да бараат одговорност во случаите. Наше е да обезбедиме отвореност и транспарентност, да нема недопирливи. Овие случаи со Сашо Мијалков и Драги Рашковски и сите останати, денес потврдуваат дека нема недопирливи“, вели Љупчо Николовски.

Првата истрага која се води против Рашковски е за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, кој што го набавил како генерален секретар, иако МВР немало потреба од него. Втората истрага, која што беше отворена додека тој беше во притвор, е исто така за набавка за софтвер, но набавен во 2017 година. Инаку, вчера Обвинителството излезе со извештај за предистражната постапка за бегството на Сашо Мијалков, но како што тврдат, истрагата покажала дека нема кривична одговорност од никој, односно никој не му дојавил дека ќе биде посетен од полициски службеници. Наводно Мијалков само го напуштил својот дом, но не и Скопје или државата.