Иако измените во Кривичниот законик ги поминаа сите фази, претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари вели дека се уште не знае дали овие измени се направени со цел да се усогласи нашето законодавство со она на ЕУ или нешто зад овие промени се крие друго.
„Не знам само едно, дали овие измени се во согласност со европските закони или се работи за нешто извонредно или посебно. Ако е нешто извонредно, не е во согласност со европските закони, тогаш треба да седнеме да разговараме и да одлучиме како ќе продолжиме, бидејќи правната држава не може така да функционира. Тогаш практично правиме работи што им помагаат на криминалците да преживеат, па дури и создаваме поголем број од нив“, вели Арбен Таравари.
Но, Таравари смета дека направените измени нема да му помогнат на поранешниот премиер Никола Груевски, како што тврдат експертите.
„Не верувам дека овие измени би му помогнале на г-дин Груевски бидејќи има многу предмети за кои е обвинет, ако не се лажам има околу 9 предмети, а верувам дека промената на Кривичниот законик, во моето мислење, би му помогнало на г-дин Груевски да се врати во Северна Македонија, го кажувам моето мислење како лаик на ова поле“, порача Арбен Таравари.
Таравари во Гласот на Америка зборуваше и за уставните измени, за кои рече дека засега нема сигнал дека има бројки за да се направат соодветните измени.