Неасфалтирани улици и со дупки – Дехари: Наидуваме на пречки, некои улици се приватен имот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неасфалтирана, со големи дупки полни со вода и со кал. Вака изгледа една од улиците во населбата „22 Декември“ во Кичево.
Улицата е во ваква состојба со години, велат жителите. Раскажуваат дека до општината неколкупати доставувале барање за нејзино асфалтирање, но наишле на глуво уво.

„Барања праќаме веќе 5 години. Не знам колкупати испраќавме делегации во Општината за проблемот со улицата, станува збор за инфраструктурен проблем. Не е денешен, туку проблем кој трае со децении. Секојпат кога ќе отидеме и кога ќе ги замолиме наидуваме на глуво уво од општинските власти. Дури ни се има случено да ни побараат да ја собереме потребната сума пари за да се постави бекатон на улицата. Во 21 век улиците и канализацијата треба да бидат целосно уредени, бидејќи станува збор за суштинско прашање за секој народ“, вели жител.

„Над 10 години, пред повеќе од 10 години ги изгубивме надежите дека ќе дојдат на мирен начин и ќе ја средат улицата“, посочи жител.

Првиот човек на Кичево, Фатмир Дехари вели дека некогаш наидуваат на пречки, бидејќи некои улици се приватен имот.

„Од самиот контакт и комуникација со граѓаните и од нивните барања кои велат дека останала само уште нивната улица, всушност повеќето од патиштата и уличките се реализирани. Не застануваме, ќе продолжиме и понатаму, но сакам да истакнам дека дел од случаите, било во периферните населби во градот кои се во процес на изградба, било во селата, ние наидуваме на пречки, бидејќи дел од улиците порано биле приватен имот“, вели Фатмир Дехари.

Во 2019 година општина Кичево изготви План-програма за развој на населбата „22 Декември“, каде беа предвидени инвестиции за патишта и улици, подобрување на водоводната мрежа, на системот за отпадни води и на јавното осветлување. Целата инвестиција тежи 8.000.000 денари. Согласно програмата, овие активности треба да завршат до 2021-ва пред локалните избори.