По спроведените анализи на водата од јавниот водовод и чешми во Кривопаланечките села Добровница и Луке од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство- подрачна единица Крива Паланка, утврдено е дека водата е небезбедна за пиење.
-Водата од земените мостри од јавните чешми во однос на физичко-хемиската анализа не одговара на законските прописи за здравствена безбедност на вода, односно истата не е безбедна за пиење и користење. Анализите утврдиле дека не е безбедна водата за пиење и користење од локалниот водоводот во село Добровница – центар на селото и јавната чешма кај амбулантата, заради зголемено присуство на калиум перманганат. Лабораториските испитувања покажуваат дека не е безбедна за пиење и користење ниту водата од докалниот водовод во село Луке – центар на село и јавната чешма пред училиштето заради зголемено присуство на колиформни бактерии. За да може истите да се користат потребно е да се изврши дезинфекција и кондиционирање на водата од надлежен орган, се наведува во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство, ПЕ Крива Паланка.
Оттаму го известуваат месното население што ги користи наведените локални водоводи и чешми во двете рурални населени места дека е забрането понатамошно користење на водата се до нормализирање на квалитетот на истата.
Издадена е препорака режиските одбори и претседателите на Месните заедници на Добровница и Луке веднаш да го известат месното население за состојбата, како и да стапат во контакт со Јавното комунално претпријатие “Комуналец” со цел превземање мерки за подобрување на квалитетот на водата на наведените локални водовопди и водни објекти.
