Недостигот од анестезиолози е глобален проблем но во Македонија како помала држава овој дефицит се чувствува повеќе, смета анестезиологот Лаурета Мена. Таа додава дека треба да се стимулираат младите специјализанти но без да се принудуваат, бидејќи тоа би ги оддалечило уште повеќе.
„Ако се погледне во другите помали градови низ Македонија, има болници кои воопшто немаат анестезиолог или се пред пензија или го одложиле заминувањето во пензија за неколку години додека се пополни тој кадар. Ако обврзеш некого да ја земе оваа специјализација и дека нема друго решение, тој ќе избега“, истакна Лаурета Мена.
Анестезиологот Снежана Захариева истакнува дека е крајно време надлежните во здравството да преземе нешто за младите лекари да изберат специјализации кои се дефицитарни.
Министерот Беким Сали без да открие детали, рече дека со предвидените стимулации за специјализантите за идната година се очекува зголемување на дефицитарните кадри.