Да се измени регулативата, односно законот за јавни набавки на лекови за пациентите со рак, бара здружението „Хема Онко“. Според нив, поради тендерските процедури во сегашната регулатива, постојат празнини во снабдувањето со лекови, вели Ана Марјановиќ од здружението. Во моментов, во Клиниката за онкологија нема тумор-маркери, како ни лековите цисплатин и таксол за пациентите.
„Ова е терапија што од време на време недостасува на Онкологија. Проблемот би се надминал доколку се промени начинот на набавка на лековите во оваа клиника. Не станува збор за скапа терапија, туку за терапија што не чини многу, но процесот на јавна набавка ја отежнува нејзината набавка во Клиниката за онкологија“, изјави Ана Марјановиќ.

Министерот за здравство, Азир Алиу, вели дека се менува и приспособува законското решение за да се елиминираат проблемите со тумор-маркерите.
„За жал, и поради законските пречки, знаете дека ако една постапка се одложи, законски не ви е дозволено да отворите нова или да ја забрзате. Поради тоа, едно од 12-те закони што ги менуваме и приспособуваме, токму ова прашање ќе го реши. Пред неколку месеци најавив дека ќе разгледаме можност постапките да започнуваат не три, туку шест месеци пред завршување на тековната, за да имаме време да реагираме ако треба да се отвори нова постапка и да не дојдеме во вакви моменти кога, поради административни процедури, пациентите чекаат на лекови.“, изјави Алиу.

Во моментов, како што вели министерот, тумор-маркерите можат да се обработуваат во Биохемија, а за другите лекови, како цисплатин и таксол, вели дека нема информации дека има недостиг.
