Некои контејнери низ градот се испразнети, а на некои локации сè уште не е целосно исчистено.
Една сограѓанка ни рече дека не може да се очекува чудо за еден ден.
„Фала му на Бога што отпадот се исчисти, но тоа треба да се прави секојдневно, постојано – тоа е обврска за тие што треба да го прават, никој не може да направи чудо за еден ден.“
„Почнаа да чистат, но не е сè, сè уште има многу за чистење.“
– „Каде?“
„И во центарот, и низ маалата. Јас сум од Ченто – сега почнаа нешто.“
– „Сè уште има?“
„Има уште отпад, сега бев на неколку места – сè уште има по контејнерите, но почнаа да чистат.“
„Да, се исчисти, но има некои места што сè уште не се исчистени.“
– „Каде?“
„Во Ново Лисиче.“
„Имаше повеќе, а сега е исчистено, сега кога чистат – се гледа дека работат.“
Во Скопје се собрани над 4.500 тони отпад за време на тридневната акција за чистење што започна веднаш по преземањето на функцијата од страна на новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој рече дека во акцијата учествувале над 2.500 работници, а биле исчистени сите урбани зони, коритото на реката Вардар и најголемите депонии во градот. Ѓорѓиевски вети дека Скопје повеќе нема да се врати на валканата слика од последните години.
„Ја завршивме успешно оваа активност што се обврзавме дека ќе ја реализираме за 72 часа, иако на почетокот состојбата беше речиси невозможна за справување, бидејќи структурите во јавните претпријатија беа разурнати и во организациски, и во механички поглед. Кога ја презедов функцијата, информирав дека ‘Комунална хигиена’ има само 16 камиони, а денес имаме повеќе од 40. Нашата цел е до петок да имаме околу 60 функционални камиони, што значи дека ќе бидеме целосно оперативни и независни.“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Покрај тоа, Ѓорѓиевски најави дека контролите ќе продолжат и дека секој што ќе фрла отпад на јавни површини ќе се соочи со санкции.
