Нема девалвација на денарот, НБРМ смирува: Не верувајте на он-лајн платформи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Онлајн платформата за конвертирање на валути крена голема паника во Македонија.  Ако се погледне последното ажурирање на оваа платформа, може да се види дека едно евро чини 63,6 денари, што е за цели два денари повеќе во однос на вредноста од пред два дена.

Веднаш почна да се крева паника дека паѓа вредноста на денарот, односно дека се случува девалвација.

Но, ако го погледнете денешниот курс на денарот на Народната банка Македонија, но и приватните банки во нашата земја, кои пред се работат според насоките на НБРМ, ќе се види дека средниот курс на денарот во однос на еврото е 61,69 или практино без драстични промени во однос на претходниот период.

Од Народната банка велат дека девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Додаваат дека располагаат со низа инструменти со коишто гарантираат дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен.

„Имајќи предвид дека во некои медиуми и на социјалните мрежи има објави во коишто се коментираат девизни курсеви на онлајн-платформи, би сакале да укажеме дека овие онлајн-платформи не се релевантен извор за следење на вредноста на денарот. Објавите на овие онлајн-платформи не произлегуваат од реално тргување со валути. Единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е курсната листа што ние како централна банка ја објавуваме на нашата веб-страница.“, велат од НБРМ.

Од НБРМ велат дека нивната курсна листа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. Воедно апелираат свесно и одговорно да се информира за вистинитоста на информациите, особено на оваа тема, бидејќи во спротивно може да се случи да има негативни ефекти врз економијата.

„Секое произволно толкување на информациите во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за нашата економија. Апелираме онлајн-платформите да не се користат како релевантен извор на информации и нивното прикажување на виртуелни пресметковни курсеви да не се смета за релевантен податок. Овие платформи не ја прикажуваат вредноста по која странските валути се купуваат на домашниот пазар, односно кај банките и менувачниците.“, соопштија од НБРМ.

Девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година, велат од НБРМ.