Нема маски во аптеките, ракавици само во некои

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради ширењето на вирусот Ковид-19, медицинските маски и ракавици станаа најбараните производи во земјава.

-Борбата со коронавирусот се чини дека предизвика дефицит на ракавици и маски во Северна Македонија. Во неколку аптеки кои ги посети екипата на ТВ21 немаше маски, па така не успеавме да купиме. Само во една од трите аптеки кои ги посетивме имаше ваков вид ракавици од големина М или медиум, а цената се движеше од 3 до 5 денари-вели репотерот на ТВ21.

Маски воопшто нема низ аптеките, а ракавици можат да се најдат во некои, но со благо покачување на цената.

Уште еден купувач влезе и праша дали имаат маски и ракавици.

Ракавици и маските главно се увезуваат од странство, па затоа Владата одлучи да ја укине царината и да ги замрзне цените. Ќе важи цената од 30-ти јануари, а истата ќе биде на сила до 30-ти април. Министерот за економија, Крешник Бектеши, извести дека се укинува царината за 13 медицински производи за 100%.

-Во координација и со другите институции, ние како Министерство, вчера ѝ предложивме на Владата, каде што беше усвоен нашиот предлог – да се укине царината за 13 медицински производи кои се увезуваат во делот на потрошен медицински материјал. Со оваа одлука, сакам да ги известам увозниците, дека за 100% се укинува царината за медицинските производи кои веќе се познати за јавноста-рече Бектеши.

Владата ги донесе и следните мерки:

-ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ЦЕНАТА ЗА ЗАШТИТНИ МАСКИ,
-УКИНУВАЊЕ НА ЦАРИНАТА ЗА СРЕДСТВА ЗА ДЕЗИНФЕКЦИЈА, МАСКИ, РАКАВИЦИ, ЗАШТИТНИ ОЧИЛА,
-ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА УВОЗ НА ЗАМРЗНАТО МЕСО БЕЗ ЦАРИНА,
-ЗАБРАНА ЗА ОТВОРАЊЕ НА СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА,
-ТУРИСТИЧКИТЕ АГЕНЦИИ ЌЕ ДОБИЈАТ ВАУЧЕРИ ЗА ОТКАЖАНИТЕ АРАНЖМАНИ.

Претходно Владата ги замрзна цените во маркетите на лимонот и портокалот, а го укина и извозот на брашно.