Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, недостигот на горива на неколку бензински пумпи го образложи со зголемувањето на потрошувачката во текот на викендот, и додаде дека тоа не е последица на евентуалните злоупотреби од страна на бензинските пумпи. Тој вчера во Клик Плус изјави дека во текот на овој викенд се продадени 200 тони гориво, а просечната продажба достигнува 40 тони.
„Се случи поради зголемување на потрошувачката. Само една од компаниите што го снабдува населението просечно последниве 5 години за викенд продава 40 тони нафта во Македонија. Само овој викенд продала 200 тони. Доколку има граѓанин кој има факти дека по 12 часот имало гориво а пред 12 часот немало, слободно нека ни каже за која бензинска пумпа станува збори и ќе ги видиме последиците“, рече Битиќи.
Тв21 испрати прашање до ДПИ во врска со тоа дали се констатирани евентуални прекршоци во текот на викендот? Велат дека откако се појавиле првите гласини за евентуални злоупотреби, инспекторите излегле на терен, но не се утврдени прекршоци.
ГРАФИКА: ДРЖАВЕН ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ
„При контролите пазарените инспектори вршеа контрола врз количината на залихите на гориво, и утврдено е дека потрошувачите поради зголемена побарувачка за точење на гориво, ги доведувале Трговци на гориво до ситуација на брзо празнење на нивните резервоари. Истото се врши на начин што се контролира како во Сонда електронскиот систем така и физички врз самите резервоари. Воедно е констатирано дека резервоарите на поединечните Трговци на гориво – Бензински пумпи постојано се надополнуваат“, велат од ДПИ.
Битиќи уверува дека нема место за паника бидејќи Русија не е извор за снабдување.
„Точно е дека нема потреба од паника на пазарот дали ќе има или не нафтени деривати.
-Зошто велите дека нема потреба од паника?
Затоа што изворот на нашето снабдување не е нафта од Русија“, рече Битиќи.
Во случај на утврдување на прекршок од страна на Трговците на гориво – Бензинските пумпи согласно Законот за заштита на потрошувачите, бензинските пумпи ќе бидат казнето со глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на правното лице, односно трговец поединец и глоба од 1.200 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во правното лице.