Душко Илиевски познат како Душко млекарот тврди дека е под постојани притисоци откако бил екстрадиран во земјава од Германија уште во октомври 2020 година откако претходно таму добил азил. Од тогаш тој е одделен од неговото семејство кое се уште е во Германија. Илиевски е осуден во отсуство на година и пол за напад на службено лице за протестите против аболицијата од екс претседателот Ѓорге Иванов. Иако на тој протест имаше голем број присутни единствено е осуден тој заедно со уште едно лице. Илиевски е суден и за уште едно дело за протести пред општина Битола против тогашниот градоначалник Владимир Талески.
Илиевски во меѓувреме го враќа на повторно судење случајот со протестите за аболицијата на Иванов за кое Скопскиот основен суд ја преиначува пресудата на условна казна. Вели дека во ниту еден случај не нападнал полицаец за што го обвинуваат. Бара да си замине во Германија но не го пуштаат поради случајот од протестите во Битола кој постојано го одложуваат.
Илиевски тврди дека зад сето ова има политичка позадина и покрај тоа што од СДСМ бил користен во предизборни спотови. Гонет сум и од едната власт и сега од другава, вели тој.
Илиевски за време на претходната власт од времето на ВМРО-ДПМНЕ беше обвинет и апсен дека заедно со неговиот брат и татко одгледувале марихуана на нивните ниви. Тој тогаш рече дека власта на чело со Груевски врши притисоци против него поради неговите критики за аферата со Сведмилк.
