Синоќа се одржа средба меѓу партнерите од Коалицијата ВРЕДИ. Дознаваме дека коалицијата ВРЕДИ сè уште не го прецизирала датумот кога ќе се спои во една партија.
По турбуленциите создадени со заминувањето на Таравари од коалицијата, партиите на Меџити, Ибрахими и Касами најавија дека ќе станат единствен политички субјект. Ова беше најавено минатата недела, но сега е одложено за следната недела. Целата постапка би можела да се пролонгира и до крајот на месецот.
„По конституирање на раководството на ВРЕДИ, ќе се разговара за модулите, органите и начинот на функционирање и роковите. Ова се очекува да се направи во текот на неделата што следи или до крајот на април“.
Минатава недела, последните изјави на некои од лидерите беа дека не е важно кој ќе биде претседател на новата партија.
„Досега не беше дискутирано кој ќе биде претседател! Барем во ВРЕДИ се расправаше кој ќе го води овој политички субјект и како ќе се поделат одговорностите. За нас е важно ВРЕДИ да ја продолжи мисијата што ја започна на парламентарните избори да направи промени и да донесе нов дух, нов пристап кон политиката на Северна Македонија“, вели Биљал Касами.
Лидерот на Демократското движење, Изет Меџити по заминувањето на Таравари рече дека новиот субјект ќе има консолидирана структура, информативен центар, кандидати, програма и заеднички советнички листи.
„Во наредните денови ќе ве информираме и за политичката реорганизација на структурата и стратегијата на ВРЕДИ за претстојните избори. Во оваа прилика ги повикуваме сите членови, симпатизери, гласачи и функционери на АА да се оградат од раздорните политики на господин Таравари спонзорирани од ДУИ и другите олигарси и да останат во коалицијата на промени, бидејќи есента носи нова победа“, вели Изет Меџити.
Но, дали ќе има промени и во владиниот кабинет? За ова, од ВРЕДИ велат:
„Одлуката за тоа кој останува и кој влегува во владата е заедничка владина одлука. Потребна ни е нова дискусија дали оваа влада останува на истите принципи на кои е создадена, како што е борбата против корупцијата. Доколку сме согласни за тоа, треба да разгледаме дали сите партнери се посветени на овој стандард или има одредени бранувања и кокетирање со партијата, чиј стандард е криминалот и корупцијата. Тоа се дискусии внатре во партијата, чиј епилог не треба и не можеме да предвидиме“, се вели во одговорот од Коалицијата ВРЕДИ.