Нема решение, се жалат бизнисите и минувачите – патот во Визбегово продолжува да го „гуши“ сообраќајот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Проширувањето на патот во Визбегово веќе со години останува само на збор. Бизнисите во овој регион но и жителите се соочуваат со многу тешкотии во патниот сообраќај. Долгите колони се причина за доцнење и нервоза кај минувачите. Ова прашање сè уште нема епилог ниту со новата Влада. Еден од бизнисмените од оваа област, Драган Цветковски, кој е и претставник на бизнисите од Индустриската зона Визбегово рече дека компаниите трпат големи загуби поради тоа што се соочуваат со основни пречки.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити соопшти дека е поништена дозволата што и била дадена на компанијата за поставување база за производство на асфалт. Според Меџити, на компанијата и било предложено да најде друга локација.

„Претходно имаше проблем со претходната влада бидејќи асфалтната база требаше да се изгради во центарот на зоната. Докажуваме дека знаеме да го слушаме гласот на граѓаните бидејќи асфалтната база не само што е штетна за индустриската зона Визбегово, туку и за сите граѓани кои живеат овде во околината со сознанија дека можеби е канцерогена. Ние го штитиме бизнисот, но не кога тоа е на штета на граѓаните“, вели Изет Меџити.

Покрај инфраструктурните проблеми, и дивата депонија во Визбегово и натаму е неисчистена, бидејќи разни фирми од околината на Скопје депонираат инертен отпад. Поставен е катанец и импровизирана врата, но компаниите сè уште наоѓаат начини како да фрлаат ѓубре. Иако е забранет влезот и казната е 50 евра, инспекторите казниле фирми и физички лица кои биле фатени како фрлаат ѓубре. Но, се уште нема епилог за целосна дислокација на оваа депонија.