„Вака изгледа сообраќајот во претпладневните часови на улицата „Цветан Димов“ позната како „Чаирчанка“. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за време на изборната кампања вети ново решение за овој дел од градот“, вели репортерката на ТВ21.
Поминаа три месеци откако Арсовска беше избрана на прв човек на Град Скопје.
ТВ21 ги праша градските власти – каков план имаат за решавање на овој проблем, но не добивме повратен одговор. Во меѓувреме, став побаравме и од општина Чаир, од каде рекоа дека има подготвеност за решавање на прашањето, но сепак не дадоа конкретен рок.
„Со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска разговаравме и начелно има подготвеност за решавање на проблемот со улицата „Цветан Димов“. Се договоривме бетонските прегради да бидат привремено решение и во наредните денови надлежните служби ќе излезат со идеја – кое решение би било најдобро и се разбира најдолгорочно. Важно е дека ја отворивме темата и што ќе најдеме долгорочно решение“, посочуваат од Општина Чаир.
Инаку, бетонските прегради првично беа поставени за да го регулираат сообраќајот на улицата „Чаирчанка“, но сообраќајниот хаос и понатаму претставува голем проблем во текот на целиот ден.
