Нема специјалисти и медицински сестри! – Алиу: Тешкотии во пополнувањето на празнините

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Недостигот на лекари специјалисти и заминувањето на медицинските сестри во странство создаде големи празнини во здравствениот систем. Министерот за здравство Азир Алиу, говорејќи при посетата на болницата во Гостивар, призна дека тешко се пополнуваат празнините.

„И во оваа клиника, и во Гостивар во Општата болница, исто така има празнини во човечките капацитети. Согласно потребите и можностите на кадарот, ве уверувам дека ќе се вработат онолку лица колку што ќе има потреба институцијата. Секако, веднаш не можеме да го покриеме овој недостаток поради две причини – првата е што, дури и да сакаме, немаме лекари специјалисти во одредени области каде што ни се потребни. Кај медицинските сестри знаете дека дел од нив, за жал, поради досегашните политики, се иселиле од државата.“, порача Азир Алиу.

Алиу зборуваше и за вработените во Јавното комунално претпријатие во Гостивар, кои со години немале здравствено осигурување.

„Што се однесува до услугите што можат да ги користат граѓаните кои работат во оваа институција, верувам дека од денес ќе можат да ги користат, бидејќи техничкиот и административниот дел е завршен. Следната фаза е административна помеѓу институцијата, Министерството за здравство и Владата, за да можеме понатаму да ги програмираме административните процеси.“, вели Азир Алиу.

Овие коментари ги даде за време на посетата на Општата болница во Гостивар, каде што беа промовирани нови медицински апарати во одделот за мајки и деца, обезбедени во соработка со германската амбасада, распределени за четири градови во вредност од 500 илјади долари.