Нема веќе надеж под срушениот облакодер во Бангкок, во земјотресот во Мјанмар загинаа преку 2000 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Гувернерот на Бангкок, Чадчарта Ситипунт изјави дека не се пронајдени знаци на живот во урнатините на облакодер во главниот град на Тајланд, каде што се заробени повеќе од 70 луѓе.

Спасувачите утрово се подготвуваат да копаат подлабоко, а гувернерот рече дека е подготвена и тешката механизација.

Досега избегнуваа да користат тешка механизација од страв дека зградата може дополнително да се урне. На почетокот на операцијата успеале да лоцираат неколку преживеани под урнатините, но во последните денови се извлечени само тела, вкупно 13 досега.

Чадчарт утрово изјави дека сегашната цел на операцијата е да се извлечат телата на загинатите.

Властите, сепак, се уште официјално не ја нарекуваат оваа операција потрага по тела, јавува Би-Би-Си.

Над 2.000 луѓе загинаа, а 3.400 беа повредени во земјотресот со јачина од 7,7 степени во петокот, еден од најсилните во Мјанмар во еден век, објави воената влада. Во Тајланд има и смртни случаи.