Нема жолти ленти за „Мериот“ – „Империја“ продолжува идниот месец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Паднаа сериозни наредби за да се постапи токму по нив со пленидба на имот, со блокирање и жолти траки на Мериот со се што треба да направиме“, истакна Зоран Заев.

Но и покрај ваквите најави сепак жолти ленти за Мериот нема да има. Во одговор за ТВ21 премиерот Зоран Заев вели дека со појавувањето на Мијалков веќе правна основа за тоа нема.

„Со самото бегство на Мијалков постоеше кривично дело и со тоа и правна основа за заплена на имотот, сметките како и компаниите кои се уште се на негово име. Постоеше основа за заплена на се она што е на име и на неговото семејство, поради тоа што тие можеа да бидат осомничени за кривично дело помагање на бегство. Но со самото појавување на Мијалков, правната основа за сето ова е падната и всушност тој и затоа и се појави“, истакна Зоран Заев.

Случајот Империја кој што е отворен од СЈО токму за финансиски криминал и незаконски стекнат имот, во кој покрај Мијалков обвинет е и Орце Камчев и уште 11 други лица,  е прекинат откако од него произлезе случајот „Рекет“ во кој екс шефицата на СЈО Катица Јанева заврши во затвор.

Предметот Империја го води обвинителката Лиле Стефанова а дополнително се вклучи и Гордана Смаќоска. Според неофицијални информации овој предмет ќе се врати во судските клупи во текот на идниот месец. Испративме прашање до Јавното обвинителство до каде е со овој предмет.

„Документацијата од предметот е предадена на вештачење.  Со оглед на обемноста на истата, потребен е подолг временски период за вештачење, па согласно тоа во моментов не може да се говори за донесување на конкретен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со овој предмет“, велат од Јавното обвинителство. 

Финансиското вештачењето кое започна на почетокот на ноември минатата година за кое се одвоени 9 милиони денари треба да даде експертиза на сите собрани докази за движењето, финансиски малверзации и незаконски стекнати пари, а сето тоа ќе биде презентирано на продолжението на судското рочиште на „Империја“.