Непотизам во М-НАВ – Николовски: Мојот чичко е вработен пред да се родам јас

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за земјоделство, Лупчо Николовски, вели дека нема врска со вработувањето на неговиот чичко и внук во М-НАВ. Тој нагласи дека државата треба да ги отвори вратите за професионалците, а не да им праќа порака дека тука не се добредојдени. Според него, некој ги спречува македонските граѓани кои се успешни во странство да се вратат овде.

Премиерот Димитар Ковачевски прашан за вработувањето на членовите на семејствата на функционерите на М-НАВ рече дека доаѓа време кога ќе биде поважен професионализмот, во држава која се разликува од таа пред 32 години. Ковачевски вели дека треба да се проверат и другите институции.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, потсети дека до 2002 година Албанците биле исклучени од системот, рече дека било извесно дека ќе има девијации при обидот за 20 години да се исправи неправдата направена во текот на 70 години, но според него, обидот за „криминализирање на цел народ“ со тврдењата дека интеграцијата на Албанците во институциите била незаконска, семејна и партиска, е начин да се создаде антиалбанска хистерија.

„Но маскирајќи го со малку по прифатлив речник, нарекувајќи го партизација, непотизам… повторно ќе кажам, не тврдам дека немало вакви девијации. Ние сме мал народ. Сите се познаваме меѓусебно и можно е по институциите да има вработени роднини на политичари, но никој не може да каже дека тоа е правило според кое се работело овие последни 20 години или како што се тврди дека Албанците имаат генетска тенденција за да ја криминализираат интеграцијата“, вели Бујар Османи.

Османи нагласи дека денеска има институции преполни со Албанци кои докажуваат дека се квалитетен кадар.