Незадоволство од измените во судската служба: Независниот синдикат на судската администрација бара транспарентност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Независниот синдикат на судската администрација изразува незадоволство поради недостигот на транспарентност во процесот на донесување на Законот за судска служба, истакнувајќи дека не бил информиран за дел од измените објавени на ЕНЕР. Според синдикатот, додатоците на плата за вработените во судскиот систем и понатаму зависат од други институции, додека улогата на синдикатите во процесот на унапредување и оценување на вработените е минимизирана. Претседателот на Независниот синдикат на судската администрација, Горан Ристески, изјави дека биле поканети од министерот за правда да учествуваат во дискусиите поврзани со овој предлог-закон, каде што ќе ги претстават своите предлози и забелешки. Како што нагласи, дел од раководството на синдикатот за судскиот систем веќе е во преговори со министерот за правда.

„Од моментот на објавувањето на Предлог-законот за судска служба на ЕНЕР, беа забележани одредени измени за кои синдикатот не бил информиран. Како Независен синдикат на државната администрација, ова го сметаме за недостиг на транспарентност. Поради тоа поднесовме барање за учество во собраниската Комисија за законодавно-правни прашања, комисија која го разгледува текстот на предлог-законот по завршувањето на нацрт-фазата.“, вели Горан Ристески, претседател на независниот синдикат на Судската администрација.