„Ни треба предвидлив пат кон ЕУ“ – Муцунски: Нема потреба од промена на рамката за одложени уставни измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски смета дека не е потребно да се менуваат европските заклучоци и преговарачката рамка за да биде остварлива идејата за уставни измени со одложено дејство, за кои се залага новата Влада како начин за деблокада на евроинтегративниот процес. Муцунски потврди дека во петок ќе присуствува во Софија, но засега нема детали дали ќе оствари билатерална средба со својот бугарски коолега Иван Кондов, за да разговараат за оваа идеја. Тој ги оцени билатералните односи со Бугарија како тензични и потребна е нормализација.

„Не го делам целосно ставот дека за моделот на одложна примена на уставните измени се потребни промени, ниту на преговарачката рамка, ниту на заклучоците. Тоа е прашање на правно толкување. Еве јас сум застапник на ставот дека тоа може да се направи и без никаква промена“, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Муцунски додаде дека земјава очекува предвидлив пат кон ЕУ, кој нема да биде доведуван во прашање од страна на соседите. Тој изјавата ја даде по средбата со италијанскиот колега Антонио Тајани, кој е прв министер за надворешни работи од земја членка на Унијата, кој ја посети Македонија. Тој кажа дека италијанскиот глас во бриселските институции е авторитетен, а Рим ќе продолжи да се залага за што поскоро Западниот Балкан да се зачлени во Европската Унија.

„Нашата гаранција е голема. Тоа не значи дека не треба ништо да се направи и да не се заврши започнатиот процес, туку треба сепак да се подаде рака кон оние народи коишто сакаат да бидат со нас Европејците // Ако не го направиме ние ова, ќе има некој друг којшто ќе сака да не замени, мислам на Русија, на Кина и други делови од светот“, изјави министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани.

Тајани кажа дека ќе иницира средба на новиот еврокомесар за проширување на Унијата со државниците од земјите од Западен Балкан за да се разговара за побрза интеграција. Се уште актуелниот еврокомесар Оливер Вархеји пак, неодамна информираше дека во октомври ќе се одржи Втората меѓувладина конференција со Тирана, а, како што додаде, можеби и со Скопје.