Во денешното емитување на Бизнис21, универзитетскиот професор Никица Мојсоска Блажески зборуваше за актуелната ситуација со царините од САД и прогнозите за иднина.
Според неа, економистите имаат различни теории и идеи за тоа што ќе се случи во наредниот период, но нагласи дека за Македонија во моментов не се гледаат значајни негативни ефекти.
-Економистите имаат многу различни идеи или прогнози за тоа што навистина ќе се случи. Едни сметаат дека тоа е не толку паметен потег, бидејќи сега глобалната економија е навистина поврзана. Секој еден производ се произведува низ целиот свет, дури и Boeing има околу 35,000 парчиња од авионот којшто се произведуваат надвор од САД, па и во Кина. Така што неможете одеднаш да речете ќе воведеме царина за сите производи, бидејќи тоа ќе влијае врз цената на американските производи на Boeing, еве како една од најголемите компании. А така што некои сметаат дека тоа производство или селење на производството во Америка ќе ја укине специјализацијата. Таа е една од големите придобивки на глобализацијата, односно велиме секоја земја произведува онаму каде што има компаративна предност или каде што трошоците се најмали, а другото го увезува. Ако го донесете целото производство во вашата држава, тоа значи дека нема веќе компаративна предност, нема специјализација, продуктивноста ќе биде помала и со тоа и платите ќе бидат помали, меѓутоа и конкурентноста на американската економија ќе се намали. Некои други прогнозираат дека целта е едноставно да се предизвика рецесија во САД, да се намалат каматните стапки, односно да се олабави монетарната политика и на тој начин да се намали големината на американскиот долг, бидејќи претседателот Трамп нели во кампањата постојано зборуваше и ден денес за намалување на долгот. Така што интересен период за економистите, сите имаат свои теории, сите ги објавуваат своите теории, ќе видиме која на крај ќе помине, меѓутоа сметам дека е ова едно почетно лудило, дека ќе се смират работите, дека неизвесноста ќе се намали, ќе почекаме за тоа, меѓутоа за Македонија во моментов не гледам големи негативни ефекти, вели универзитетскиот професор Никица Мојсоска Блажески.
