Николоска: Прашањата од Стразбур не значат пресуда – Гордана Јанкулоска очекува да се констатира повреда на правото на фер судење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прашањата кои Европскиот суд за човекови права во Стразбур ги упатува до државата за случајот „Тенк“ не се пресуда, туку почеток на утврдување на фактичката состојба дали има повреда на правото на фер судење. Ова е ставот на првата судијка на Македонија во Европскиот суд за човекови права и претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николоска, во гостувањето во емисијата „Click Plus“ на ТВ21.

Таа ова го кажа како коментар за одговорите кои ги побара Судот во Стразбур од Владата по жалбата на екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Се споредуваат тие писмени или тие два говори и на Владата и на странката и тогаш веќе можеме да зборуваме за утврдување на одредена фактичка состојба која што може да доведе до утврдување на повреда, до утврдување на немање на повреда, или ако сакате и до утврдување дека нема потреба одредени делови од апликацијата да се испитуваат“, вели Маргарита Цаца Николоска.

Според неа за сериозни предмети, како што е „Тенк“, прашањата од Стразбур се пракса. Во однос на очекувањата кога би завршила целата постапка, Николоска вели Судот во Стразбур не може да се пофали со брзина на постапките, но има и многу предмети.

Јанкулоска пак на овој чекор на Судот гледа како дел од процесот низ кој очекува да се констатира повреда на Правото на правично судење. Таа во интервју за МИА вели сатисфакција,за неа ќе претставува поднесувањето на одговорност од страна на главните актери кои биле, како што вели „вклучени во политичкиот прогон“.

„Судот наместо независен арбитер беше партнер и консултант на обвинителството и дејствувајќи заеднички тие беа цврсто одлучени по секоја цена во експресен рок да бидат изречени затворски казни за обвинетите, така што судењето беше обична фарса со однапред познат исход. Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на процесните права“, вели Гордана Јанкулоска.

Инаку, Јанкулоска беше осудена на четири години затвор за предметот „Тенк“, што го отвори тогашното Специјално јавно обвинителство. Судот ја прогласи за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања. Според обвинението, таа му помогнала на тогашниот премиер Никола Груевски, со пари на полицијата на наместен тендер да си купи „мерцедес“ од 600.000 евра за лична употреба. Екс – министерката беше ослободена од затвор во ноември 2023 година, една година пред истекот на затворската казна.