Инвестициите во енергетската мрежа носат стабилност за граѓаните и компаниите, а на државата обезбедуваат економски напредок, истакна вицепремиерот Александар Николоски на отворањето на новата трафостаница „ТЦ Централа“ во Скопје, проект на компанијата ЕВН.
Во своето обраќање, Николоски потенцира дека проектот е пример за успешна соработка помеѓу Владата и приватниот сектор во реализирањето крупни инвестиции и додаде дека Македонија моментално е водечка земја во регионот во процесот на енергетската транзиција.
„Навистина ми е драго што можеме да присуствуваме на отворањето на овој значаен објект и да се заблагодарам на тимот на ЕВН, затоа што поставувањето на еден ваков објект во срцето на градот е вистинска уметност. Ова што се гледа е само еден дел, додека она што не се гледа – подземната инфраструктура – е резултат на заедничка работа на Владата и на ЕВН. Ова е едно архитектонско достигнување и честитки за сите кои беа вклучени“, рече Николоски.
Тој додаде дека трафостаницата ќе обезбеди стабилност за целокупното централно градско подрачје и за сите кои гравитираат кон него.
„Политиката на Владата е да поддржува енергетска транзиција. Мислам дека во моментов сме шампиони во регионот, а со иницијативата на премиерот Мицкоски за интегрирање на земјите од регионот и создавање на еден обединет пристап, Македонија ќе го покаже своето лидерско место во годините кои се пред нас како двигател на развојот на државата“, истакна Николоски.
