Првата судијка од Македонија во Европскиот суд за човекови права и актуелна претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николоска, во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 се осврна на судскиот процес за трагедијата во Кочани. Таа нагласи дека фер судски постапки не се можни доколку обвинетите немаат соодветна правна заштита.
„Предметот е многу обемен, многу лица се опфатени и уште на старт се доведува во прашање експедитивноста,“ изјави Николоска. Според неа, обвинителството смета дека овој модел на постапување е најадекватен, иако веќе има најави за одредени потешкотии од страна на бранителите.
Таа посочи и на чувствителноста на случајот, особено по реакциите на семејствата на жртвите, кои не го прифаќаат фактот дека адвокати се нафатиле да ги застапуваат обвинетите. „Се работи за кривично дело кое донесе несреќа што никој не ја посакува. Но факт е дека во една правна држава мора да има фер судење,“ потенцира Николоска.
