Земјоделците од Преспа протестираа поради неплаќањето на штетата која им беше причинета поради врнежите од 2016 година до денес. Револтирани побараа Владата што поскоро да им го исплати обесштетувањето, бидејќи во спротивно, како што рекоа, нема да можат да продолжат со производство на јаболка. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, на прашање на ТВ21, рече дека е донесена нова методологија за утврдување на штетите, направени се нови елаборати, формирана е нова владина комисија и дека во вторник овој извештај бил одобрен од Владата.
Во тешка состојба со откупната цена беа и лозарите. Владата информираше дека е постигнат договор со лозарите и дека за нив се одвоени 4 милиони евра.
Лозарите, пак, негодуваат дека со новиот договор тие би добило само 2 денари повеќе по килограм грозје, цена која, како што велат, е прениска.
Лозарите се надеваат дека во иднина Владата ќе ги сфати посериозно и ќе им излезе пресрет, бидејќи како што велат, оваа земјоделска гранка е во доста незавидна состојба. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, договорот со лозарите го нарече историски со највисока откупна цена на грозјето.
