Ниска наплата на данокот на личен доход: Проблем околу наплатата се игрите на среќа и дел од трансферите од странство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Управата за јавни приходи е задоволна како ги собира даноците, иако кај данокот на личен доход има значително отстапување од планираното за периодот јануари – октомври 2025 година. Задоволството на Управата е затоа што собрале повеќе пари во споредба со истиот период лани. Но, ако се погледнат бројките за 2025, кај персоналецот има потфрлање за околу 8. процентни поени (п.п.) од она што би претставувало идеално собирање за 10 – те изминати месеци. Односно, ако има идеална распределба, наплатата на овој данок би требало да биде нешто над 83 отсто. Собрано е само 75,37 проценти. Од УЈП велат дека пониското собирање се должи на тоа што дел од даноците имаат и сезонски осцилации и се наплатуваат повеќе кон крајот на годината. Сепак, околу собирањето на овој данок има и реални проблеми.

„Тоа се пред се приредувачите на игри на среќа и приливите од странство, оданочливите приходи што граѓани на Република Македонија ги остваруваат од странство. Од тие области каде што сме фокусирани, направивме доста анализи и проверки со вкрстување на податоци каде што ги забележавме тие трендови кои што ги посочив и сега имаме активности со постепено засилувачки карактер“, вели Елена Петрова, директорка на УЈП.

Ова значи дека освен што се контролираат обложувалниците и казината, ги контактираат и граѓаните кои времено работата во странство и ако се даночни обврзници во Македонија ќе треба да платат 10 отсто на своите приходи. Меѓу нив се лицата и кои работата на пример на бродови во странство.

Од УЈП велат дека континуирано се врши поврат на Данокот на додадена вредност и заклучно со вчерашниот ден вратени се на стопанството 497 милиони евра од буџетот. Сепак, Петрова вели дека дел од фирмите кои бараат поврат на ддв, дополнително се проверуваат и дека затоа дел од нив подолго чекаат.

„И дека тоа е издржано и основано исто така говорат фактите и податоците, бидејќи ние имаме големи износи утврдени неправилности и од даночните контроли за ДДВ. Околу половина од дополнително утврдените даноци што не биле правилно пресметани и правилно пријавени од страна на даночните обврзници, се однесуваат за ДДВ“, вели Елена Петрова, директорка на УЈП.

Во пари, од 60 милиони евра, 30 милиони биле незаконски побарани за поврат.

Инаку, од УЈП велат дека досега за „Мој ДДВ“ се исплатени околу девет милиони евра, а според налозите ќе треба да се исплатата уште шест милиони.