Минималните утрински температури денеска се спуштија под нулата во најголем дел од државата. Најстудено било на Скопје-Петровец и Пожаране со измерени -3 степени, додека -2 степени се регистрирани на Скопје-Зајчев Рид, како и во Струмица, Гевгелија и Ѓуриште. Температури од -1 степен се измерени во Куманово, Кавадарци, Велес, Тетово, Крива Паланка и на Попова Шапка, а 0 степени во Берово и Штип. Во Демир Капија и Виница утрово било 1 степен, 2 степени во Маврови Анови, Крушево и Охрид, 4 степени во Претор и Битола, додека Прилеп и Тополчани измерија 5 степени.
Според метеоролошките податоци, во изминатите 24 часа до 7 часот изутринава најмногу наврнат воден талог има во Крушево – 25 литри на квадратен метар. Во Маврови Анови паднале 20 литри, во Охрид 17, на Попова Шапка 13, а во Претор 12. Пожаране измери 9 литри, Тетово 6, Прилеп 5, Битола 4, додека по 2 литри се регистрирани во Тополчани, Кавадарци и Виница. Берово, Штип и Крива Паланка имаат по 1 литар талог.
За денеска се најавува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, особено претпладне. На пониските места се очекува мешани врнежи, додека на повисоките делови и на планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер со удари над 60 километри на час.
Со навлегување на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе преминат во снег. Повеќе снег ќе падне во западните делови од државата, каде планинската снежна покривка може да се зголеми за околу 20 сантиметри, а во останатите места меѓу 5 и 10 сантиметри. Максималните температури денеска ќе се движат од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои кон попладневните часови и во текот на ноќта ќе бидат исклучиво од снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер, а дневната температура ќе достигне до 4 степени.
