Со музика од импровизиран ноќен клуб пред Владата, стотици музичари и угостители излегоа на мирен протест барајќи од владините претставници да ги преиспитаат протоколите за нивна работа, бидејќи како што велат тие се најпогодени од коронакризата.
Побараа и поголема поддршка за нивните бизниси.
„Ние побаравме итен состанок со претставници од власта, тоа беше писмено барање со потпис и пеѓат од повеќе ноќни клубови на што се уште немаме добиено одговор. Поради тоа сега се собравме овде да бараме состанок на кој ќе ги доставиме нашите барања а тие барања се: итно донесување на финансиски пакет мерки во вид на грантови со кој ние би ги сервисирале нашите долгови кои се настанати во изминатиов период и заедничко донесување на протоколи по кои би можеле да отвориме и работиме и полека да ја вратиме состојбата во нормала“, рече Горан Арсовски.
И свадбарските работници побараа итно да се донесе протокол за семејни прослави и свадби.
„Протоколот од соседните земји предвидува дистанца, големи санитарни и хигиенски услови, намален број на гости на маса, дозволен музички настап и соодветно капацитетот дозволен број на гости. Ниту еден брачен пар не донел одлука да направи свадба од денес за утре со 200 луѓе“, вели Екрем Мимиши.
Работењето на ноќните клубови беше забрането на 14 март годинава, со владина Уредба со законска сила, а за целиот период на нивното неработење не добија финансиска поддршка од државата.
Единствено со првиот сет економски мерки тие добија владина помош од по 14.500 денари за исплата на платите на вработените но само за април, мај и јуни. По барањето на организаторите во рок од два дена да бидат примени од премиерот, од Владата стигна одговор дека од кабинетот на Заев ги поканиле в петок на средба со премерот.
Инаку, на владина седница во неделата, а во насока на намалување на ризикот за ширење на Ковид 19, беа донесени одлуки за забрана на пејачи, музички групи и диџеи во угостителските објекти, беше ограничена гласноста на музиката, потоа бројот на лица од 12 е намален на четири кои можат да седат на иста маса, а целосно е забранета работата на ноќните барови и дискотеките.
