Нов обид за проблемот со паркинг на Клинички, 300 вработени ќе паркираат во Лимак – се прави простор за пациентите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 300 вработени на Клиничкиот центар од први јули ќе може да се паркираат во паркинг просторот на трговскиот и деловен комплекс Лимак, со што ќе се ослободи место за граѓаните кои доаѓаат на клиниките. Ова е привременото решение со кое министерот за здравство Азир Алиу се обидува да се справи со хаосот со паркирањето на Клинички, бидејќи како што истакна и самиот таму дневно циркулираат околу 6.000 луѓе од кои околу 2.500 се вработени.

-Обезбедуваме паркинг простор за 300 возила наменет за вработените во здравствените установи кои функционираат во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и кои ќе имаат 24 часа пристап до паркинг местата во просториите на Лимак. Клиничкиот центар добива паркинг кој ќе е во служба на пациентите, но ова е само прв чекор во решавање на проблемот. Започнуваме и со системска анализа на просторот, ќе го мапираме секој агол, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Досега за решавање на проблемот со паркирањето во Клинички има направено неколку физибилити студија, но тие главно се однесуваат за изведба на катни гаражи. За некакво долгорочно решение министерот Алиу вели сега не може да стане збор, бидејќи како што е познато постои идеја за нов Клинички.

-Иднината на паркингот мора да биде поврзана со иднината на Клиничкиот центар. Затоа до тогаш ние ќе мора да имаме решенија со кој што ќе го подобриме и ќе најдеме простор повеќе за паркирање. Ова е првиот чекор. Вториот чекор е да се мапираат внатре, во моментот имаме 700 мапирани места а се паркираат 2.000 до 3.000 возила. Фактички се паркираат во зеленило, на самиот пат и тоа треба да се уреди, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Министерот Алиу најави и поставување интерактивни табли но и апликација кои ќе помогнат за полесно снаоѓање и на возачите и на граѓаните како да стигнат до одредена клиника или оддел.