По вчерашниот смртоносен напад врз Киев и повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до Владимир Путин да ги „запре“ нападите, Русија повторно нападна цивили, јавува украинската страна.
Овој пат целта беше градот Павлоград, објави гувернерот на поширокиот регион, Сергеј Лисак. Според него, две лица загинаа во нападот, а осум се повредени.
„Напаѓачот повторно изврши масовен напад со дронови врз нашиот регион“, рече Лисак, додавајќи дека 11 дронови биле соборени над областа.
Лисак објави и фотографија од пожар на зграда што изгледа како станбена, наведувајќи дека во градот избувнале неколку пожари.
Шестмина од ранетите се однесени во болница, додека две лица, меѓу кои и 15-годишно девојче, добиле медицинска помош на местото на настанот, рече тој.
Тој рече дека пожари избувнале и на деловни локации во областите Синелниковски и Самаривски.
Украинските воздухопловни сили објавија дополнителни информации за руските напади во текот на ноќта.
Според нивните податоци, Москва лансирала вкупно 103 дронови насочени кон напад на Украина.
Од нив, 41 дрон биле соборени, а уште 40 биле електронски блокирани, соопшти војската.
Не е јасно што се случило со преостанатите 22 дронови.
Нападите, според украинските податоци, предизвикале штета во регионите Харков, Суми, Черкаси, Донецк и Дњепропетровск.
