Нов закон во Црна Гора: Жените со менструални проблеми добиваат два дена одмор секој месец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Парламентот на Црна Гора денес ги одобри измените на Законот за здравствено осигурување, со кои на жените со дијагностицирана секундарна дисменореа – болни менструални циклуси придружени со грчеви, гадење и замор – им се дава право на два дена платен одмор месечно.

Според црногорските медиуми, ова право важи за жени кои имаат болна менструација предизвикана од органски проблеми, како што се ендометриоза, фиброиди, полипи и други гинеколошки заболувања.

Иницијативата за законски измени беше презентирана во март оваа година од независната пратеничка Јевросима Пејовиќ, додека претходно предлогот беше едногласно поддржан од Комисијата за здравство, труд и социјална политика, како и од Законодавно-правната комисија.

Во образложението за законот се наведува дека целта на промените е правилно регулирање на дијагностицираните патолошки состојби на секундарна дисменореја, отстранување на стигмата и предрасудите на работното место и создавање рамнотежа помеѓу зачувувањето на здравјето на жените и професионалните обврски.