Нова учебна година, стари проблеми – шесто одделение без учебници, за првпат пролетен распуст

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата учебна година започнува утре и ќе трае до 17 јуни. Годинава за првпат основците и средношколците ќе имаат пролетен распуст и истиот ќе трае од 29 април до 5 мај. Оваа практика се применува во неколку европски земји и според стручните служби ќе донесе подобри резултати во учењето.

Слично како и минатата година, така и оваа дел од учениците нема на време да ги добијат учебниците. Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека со недостиг на учебници ќе почнат само учениците од шесто одделение.

-Програмите на шесто одделение стигнаа на крајот на вториот месец, третиот месец 2023 година, така што имавме рок од 6 месеци. Од третиот месец до 9-ти месец да ги спроведеме сите процедури, но ве уверувам тоа што неколкупати го кажав и ви велам, во завршна фаза сме во одлуките за одобрување на учебниците-рече Шаќири.

Проблемите речиси се повторуваат и се пренесуваат од година во година. Министерот изјави дека доколку и годинава се повтори истата ситуација со учебниците и свидетелствата, некој мора да одговара.

-Втората реакција во Бирото за развој на образованието беше да се испорачаат програмите навреме, врз основа на проблемите на кои наидовме минатата година, а Бирото за развој на образованието ги испорача навреме за трето одделение на крајот на 2022 година под притисок и други беа доставени на почетокот на февруари и повторно продолжив да реагирам до Бирото за развој на образованието, но тоа не значи дека целата одговорност е на бирото за развој на образованието!“, рече Шаќири.

Министерот вели дека во училиштата се доставени сите учебници за сите одделенија освен за шесто одделение и се очекува утре да им бидат поделени на учениците. Шестоодделенците ќе бидат снабдени со книги до крајот на септември, ветува министерот.