Се зголемува бројот на злоупотреби на социјалните мрежи. Неодамна се појави информација на Фејсбук, која ја објави Хуманитарното здружение ДШ, преку која се бара помош за 13-годишното момче Бесим, кое како што пишува, има оштетување на мозокот поради што се потребни 970 евра за хируршка интервенција.
Заедно со апелот е споделена и фотографија од момче од Кичево, кое нема потреба од никаква помош, а горенаведените информации, освен фотографијата, не соодветствуваат со неговите податоци.
Станува збор за злоупотреба на сликата на Мирлинд Бектеши од Кичево, кој има 18 години и кој имал хируршко-естетски зафат пред една недела, но како што вели, немал потреба за финансиска помош.
Мирлинд преку ТВ21, бара да се избрише објавата, со цел да не се злоупотребува неговиот идентитет.
„Се викам Мирлинд Бектеши и имам 18 години. Сликата на Фејсбук е моја, но јас немам потреба од помош. Направив една естетска операција, но ја направив сам, со самофинансирање. Мојата слика на Фејсбук се злоупотребува, бидејќи мене не ми е потребна помош. Работам во кафулето „Бени“ и навистина немам потреба од помош“, посочи Бектеши.
По бројните реакции, објавата беше избришана од страницата на здружението. ТВ21 контактираше со здружението, но досега не одговорија на нашите повици. Ова не е прв случај на злоупотреба на фотографии. За сличен случај ТВ21 извести и минатиот месец.
Инаку, Фејсбук во своите безбедносни политики гарантира заштита на личниот интегритет и нуди опција „пријави“ секаква загрижувачка содржина, меѓутоа, во однос на ваквите случаи сѐ уште не е изнајден поефективен механизам во насока на спречување на злоупотреба на идентитетот на корисниците.