Новата 2021, година на надеж, но и неизвесност – ја испраќаме најтешката година на економски план

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тешка и драматична година на економски план. Голем број загубени работни места, бројни затворени компании и пропаднати бизниси. Осакатени пазари и сиромашни граѓани. Последиците од пандемијата оставија длабоки лузни, а никој не знае кои се предизвиците во годината која што ни доаѓа. Дали не очекува заздравување или сиромашно  преживување? Дел од упатените поделени, помеѓу песимизмот и оптимизмот. За  Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, 2020 година беше толку кризна што имаше и ќе има несогледливи последици и во наредните  три години.

„Замислете дека во еден квартал на почетокот на кризата вредноста на БДП се намали за 15 проценти,значи невиден пад. Таков пад не сме имале од 2001 година наваму. Порасна невработеноста, порасна долгот на земјата, мораше да се земат кредити, за сета таа помош да се даде на фирмите“, истакна Герман Филков.

Според Филков, годинава во позитива беа единствено земјоделството, градежништвото,и IT секторот. Сите други ресори, како што вели Филков, ги чека голема  неизвесност. Дециден е дека  за нив годината само календарски завршува а проблемите и неизвесноста продолжуваат. Сега сугерира Филков, посебно  важно за државата, е обновувањето на фискалната стабилност.

„Односно Буџетот да си се полни од домашни извори, од домашна економија а не од кредити од странство. За тоа ќе биде потребно да се подобри и финансиската дисциплина но и да се намали сивата економија“, додава Герман Филков.

И првиот финансиер на почетокот од неговиот мандат искрено призна дека ситуацијата на економски план е многу сериозна.

„Нема да биде лесно. Во првата половина од годината економијата има  пад од 6,4 проценти. Државниот долг на крајот на вториот квартал постигна 50,7 проценти, од кои вкупниот јавен долг 59,5 проценти“, посочи Фатмир Бесими.

Ковид кризата ги  разоткри состојбите во државата,  беше изјавата на  Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Даниела Арсовска. 

„Тоа Ковидот го разоткри можам да кажам дека и во таква тешка состојба  политичките чинители во државата не најдоа заеднички јазик да седнат и да му помогнат на сопствениот начин, туку само ја максимизираа таа поларизација која ја имаме во општеството и секој  гледаше да направи што повеќе политички поени“, истакна Даниела Арсовска.

Следната година нема да биде просперитетна,  велат економските аналитичари. Додаваат дека закрепнувањето би можеле да го очекуваме дури од втората половина на следната година. 

„Испраќаме година која ни ја  донесе  криза од невидени размери. Ковид пандемијата ја донесе најтешката криза во историјата од нашето осамостојување  и удри по сите ресори. Се чини дека најпогодена  беше економијата. Да се надеваме дека во годината што ни доаѓа Новата 2021 година, конечно ќе го победиме  новото зло и ќе живееме во година без маски….“, вели репортерката на ТВ21.