Новата учебна година со физичко присуство?! – Од септември учениците ќе седнат во училишните клупи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По една година онлајн настава, од МОН велат дека сега се создадени услови за започнување на учебната година со физичко присуство. Конечната одлука ќе биде донесена утре во Влада. Во ваквиот предлог од министерството влијаеше и големиот број на вакцинирани наставници и вработени во училиштата, кој моментално е 62% од вкупниот број на вработени во училиштата. За подобра заштита од Ковид 19 МОН подготви и протоколи.

„Во насока на започнување на новата учебна година се и протоколите за заштита од Ковид- 19, за настава со физичко присуство, кои се изработени од страна на МОН и веќе усвоени од Комисијата за заштита од заразни болести, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата“, велат од Министерството за образование и наука.

Меѓу другото, со протоколите се предвидува и дезинфекција на рацете на учениците и училишниот кадар да се направи при влез во училиштето и исто така на учениците кои доаѓаат со организиран транспорт да им се мери температурата при влез во автобусот.

Што се однесува до функционирањето на градинките, нема да има промени, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, односно ќе работат со ограничени капацитети.

Шахпаска соопшти дека бројот на вакцинирани вработени во скопските градинки е над 60%. Со директорите на градинките ќе организираат онлајн состанок со цел да добијат и податоци од нив, а апелираат сите вработени во градинките да се вакцинираат бидејќи нивната одговорност е многу значајна.