Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека државата влегува во сезоната на пожари многу поподготвена од кога било досега. На воениот полигон „Пепелиште“ беше промовирана нова флота од 38 специјално прилагодени возила за гаснење пожари, меѓу кои и армиски и полициски возила што повеќе од осум години биле надвор од употреба.
„Станува збор за полициски и армиски возила коишто со години не биле ни запалени. Со заеднички напори тие денес се враќаат во функција и претставуваат значајно засилување на нашите капацитети за справување со пожари. Со оваа акција, државата заштедува неколку десетици милиони евра,“ истакна премиерот Мицкоски.
Тој упати благодарност до сите институции и функционери кои учествуваа во процесот, меѓу кои потпретседателот на Владата Љупчо Димовски, министрите Панче Тошковски и Владо Мисајловски, градоначалниците на Кавадарци и Неготино – Митко Јанчев и Горан Стојанов, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Гранката нема да ми биде потребна ова лето“
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, ја нагласи подготвеноста на институциите за претстојната сезона на пожари, велејќи: „Ова лето гранката нема да ми биде потребна“, алудирајќи на симболот на импровизирана борба против огнената стихија во минатото.
Според него, Дирекцијата добила 18 теренски возила „Пинцгауер“ (со капацитет од 1.500 литри), 15 оклопни транспортни возила БТР-80 со резервоари од 6 тона и 5 возила „Хермелин“ со приклучни цистерни со капацитети од 2 до 8 тона. Сите 43 возила се опремени или се во процес на опремување со водни пумпи со домет на млазот од 25 до 100 метри.
Подготвени и хеликоптери и авиони
Премиерот Мицкоски информираше дека во текот на оваа недела ќе пристигне и вториот сервисирани авион за гаснење пожари, а третиот се очекува до крајот на јули или почетокот на август. Дополнително, подготвени се по два хеликоптери од МВР и Армијата за интервенции при поголеми пожари.
„Во споредба со минатото, денес зборуваме за неспоредливо повисоко ниво на подготвеност“, додаде Мицкоски, истакнувајќи и дека е во сила забраната за движење низ шумски подрачја без соодветна дозвола, како дел од мерките за спречување пожари.
