Нови проблеми, ќе го чекаме интервентниот увоз?! Постојат пречки вакцините од Србија да пристигнат во земјава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не постојат законски пречки вакцините да стигнат во земјава, но Србија чека да добие дозвола од Фајзер за извозот на 8 илјади вакцини кои треба да ги даде на Македонија. Потоа вакцините ќе пристигнат со интервентен увоз. Но, сепак министерот Венко Филипче вели дека треба да се прават измени во Законот за лекови  затоа што тоа е барање од компанијата „Фајзер“. Доколку се случат измените, компанијата „Фајзер“ ќе може вакцината против ковид-19 да ја извезува директно, а не да мора да склучува договори со локални компании.

„Измената во Законот за лекови го правиме по барање на компанијата „Фајзер“ за следните количини да бидат регистирани. И тоа е нивна глобална политика“, изјави Венко Филипче – министер за здравство.

Филипче се заблагодари на понудата на премиерката на Србија Ана Брнабиќ, македонските лекари од ковид центрите да се вакцинираат во Србија. Вели дека државата е способна да го спроведе процесот на имунизација.

„Очекувам повторно разговор, ни укажаа дека се навистина под голем пристисок и дека се во комуникација со сите земји во светот и затоа е причината што со овие процеси одат споро многу споро од она што ние очекуваме“, додава Филипче.

Филипче извести дека анализите на МАНУ покажале дека во земјава нема мутација на вирусот како во Велика Британија.

„Излегоа резулатите од анализите од Лабораторијата во МАНУ и утврдено е дека нема во земјава нема мутација на вирусот, слична на таа од Велика Британија, практично цело време истиот вирус кој беше присутен веќе неколку месеци“, додава Филипче.

Министерот за здравство очекува наредната недела да бидат во собраниска процедура и измените на Законот за лекови кои ги прават по барање на Фајзер за вакцината да ја регистрираат без локално претставништво кај нас.