Нови програми за специјализации во здравството: Модернизација на медицинскиот кадар во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На денешната прес-конференција, министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претставници од Лекарската комора и медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип, ги претстави новите програми за специјализации, кои имаат за цел темелно да го обноват и модернизираат пристапот кон подготовка на медицинскиот кадар во земјата.

„Политиките и мерките што ги иницираме секогаш ги дискутираме со стручната фела и со партнерски пристап ги воспоставуваме новите практики кои одговараат на потребите на населението и здравствениот систем“, изјави министерот Алиу.

Тој нагласи дека новите програми за специјализации се први суштински промени во последните петнаесет години, со цел да се обезбеди подготвен кадар кој ќе одговара на реалните потреби на граѓаните и современите стандарди во медицината.

Главната цел на новите програми е создавање на прво општо специјализирани лекари, кои ќе можат да работат во општите и регионалните болници, во секундарното здравство, каде што се најголемите здравствени потреби на граѓаните. На овој начин, здравствениот систем ќе добие рамномерно распределен кадар, способен за третман на хронични болести, итни состојби, континуитет на терапијата, навремена дијагностика и правилно упатување кон терциерното здравство.

Суштината на новите програми е да се гради силна општа клиничка основа, која подоцна ќе се надградува со супспецијализации како кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области.

„Прво стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа дополнителна супспецијализација таму каде што има потреба“, појасни министерот.

Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјата, со еден стандард и ист квалитет на обука.

Деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Светозар Антовиќ, посочи дека порано специјализациите биле тесно профилирани и долго траеле, што не ги задоволувало потребите на секој дел од здравствениот систем. Со новиот модел, општите специјализации во хирургија и интерна медицина ќе обезбедат стабилна и практична основа за идните лекари.

Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева Старделова, истакна дека комората беше иницијатор на процесот за реформа на специјализациите, со цел да се овозможи на младите лекари ефикасно да прегледуваат пациенти и, ако е потребно, да ги упатат во соодветна установа. „Сегашните специјализации се предолги и не се доволно прилагодени на современите потреби, па новиот модел ја решава оваа дилема“, додаде д-р Старделова.

Со овие реформи, Министерството за здравство поставува нов стандард за образование и подготовка на медицински кадар кој ќе биде носител на здравствениот систем во наредните години.