Продолжи кавгата на вицепремиерот Александар Николоски со бугарските власти. Во телевизиско интервју, коментирајќи го отсуството на државното знаме при средбата со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, тој го нарече бугарскиот претседател Румен Радев непристоен и нецивилизиран.
„Најмалку што очекувам од претседател на држава е да оди таму и да гледа каде има, а каде нема знамиња. Не е тоа работа на претседателката на државата. Тоа е работа на домаќинот да покаже минимум пристојност, ама затоа што домаќинот очигледно ниту е цивилизиран, слободно за ова нека пратат протестна нота… ниту е домаќинот цивилизиран, ниту е пристоен, ниту има било каква почит, затоа е работава ваква каква што е. Е сега, помизерни од нив се само овие нашиве домашни слуги.“, вели Александар Николоски.
Следуваше остра реакција на бугарското МНР. Тие велат дека за изјавата на Николоски ги информирале партнерите, и соопштија дека таа не е резултат на добро воспитување.
„Во врска со последователните навредувачки квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ на официјални лица од Република Северна Македонија, категорично одбиваме да влеземе во ваков неевропски тон, неспојлив со доброто воспитување. Нашите партнери се известени за непредизвиканите провокации, кои имаат за цел да го нарушат дијалогот. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија.“, велат од МНР на Бугарија.
Претходно, кон крајот на август, на нашата амбасадорка во Бугарија веќе и беше врачена протестна нота поради изјава на вицепремиерот Николоски. Тој тогаш кажа дека во Бугарија „се до толку нефункционални што не можат ни избори да закажат“. Потоа, премиерот Христијан Мицкоски повика политичарите да не потпаѓаат на провокации од бугарска страна. Последно од нашето МНР оценија дека се влошени односите и меѓу граѓаните на двете земји.