23 часот е. Се затворија сите локали во Кичево. Неколку минути пред да затворат, улиците низ градот се преполнија со автомобили. Мерката за затворање на локалите во 23 часот е нова владина мерка во борбата против корона вирусот. Сопствениците на локалите мислат дека оваа мерка е непотребна бидејќи по 23 часот нема многу гости. Тие велат дека најголемиот наплив на гости е од 20 до 22 часот.
„Јас верувам дека оваа одлука е непотребна бидејќи најголемиот наплив на гости е од 20 до 22 часот, така што во 23 часот има многу малку гости во локалот и треба да ги бркаме без потреба. Многу е паднат прометот во локалите, но вака ќе биде уште полошо.“, вели сопственик на локал.
Истото го мислат и граѓаните на Кичево. Тие велат дека локалите нема потреба да затвораат туку доволно е да се почитуваат владините протоколи.
„Според мене корона вирусот е во цел свет и штетен е за луѓето како што велат лекарите, но локалите не треба да затвораат бидејќи тие имаат свои правила, за држење дистанца и носење маска од страна на келнерите“.
„Не е добро локалите да затвораат во 11 бидејќи тие работат, имаа семејства, земаат плата, има вработени. Не треба да оставаат да седат по 6 или 10 лица, да не се спојуваат по две маси за тие што јадат или пијат кафе, туку да бидат по 4 или 3 лица.“
Професорот по економија Јетон Сула вели дека состојбата ни носи нови мерки како што е полицискиот час. Тоа би било тежок удар за гастрономијата во земјава по првиот удар.
„Ќе има нови ситуации кога ќе биде многу тешко за гастрономскиот сектор, затворање на угостителски објекти, кафетерии, ресторани, би ги оштетило ако се земат предвид и страничните ефекти. Од ова затворање ќе следи бркање на работници од работа, намалување на бројот на работници, намалување на платите, значи ваквите ситуации повторно паѓаат на грбот на државата бидејќи тие луѓе ќе фигурираат како невработени.“, рече Сула.
Се спроведуваат постојани контроли во угостителските објекти. Во собраниска постапка е и измена на законот за затворање на локали до 30 дена и парични казни во случај истите да не ги почитуваат владините мерки. Актуелниот закон за угостителските објекти кои не ги почитуваат мерките предвидува само кривична пријава.