Конститутивната седница на новиот парламентарен состав се одржа под засилени мерки за заштита од корона вирусот. Со пристигнувањето на новите пратеници на сите влезови од Собранието беа пречекани, но за спроведување на посебните мерки за заштита од пандемијата Ковид 19. Влегувањето беше со задолжително носење маски и употреба на средства за дезинфекција, а на самиот влез им беше измерена температура.
Сите мерки ги помина и досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери.
Новите пратеници првата седница ја одржаа во новата сала на големата купола. И таму строго пропишани протоколи, на физичка дистанца а гласањето се одвиваше со подигање на картончиња. На паузата Џафери им порача на пратениците да не излегуваат од салата и за тоа време да се дружат за да се запознаат меѓу себе.
„Да останеме тука и да се запознаат пратениците меѓусебно, колку што ни дозволуваат условите. Треба да се одржува секако и дистанцата“, истакна Талат Џафери.
Пред седницата прва координација на пратениците кај Џафери. По формирањето на Верификационата комисија нејзината претседателка Јагода Шахпаска, од говорницата рече дека не постојат пречки кај ниту еден од пратениците да им бидат верификувани мандатите, а откако тоа беше изгласано првата честитка дојде од Џафери.
„Од мое лично име и од целата служба, новиот мандат на овој нов собраниски состав им го честитам на сите пратеници и посакувам најдобро застапување на сите граѓани и верувам дека нашите задачи и обврски ќе ги извршиме согласно уставните определби како претставници на граѓаните на Република Северна Македонија“, посочи Талат Џафери.
А по конституирањето на парламентот се отвораат вратите за почеток на преговорите за формирање ново парламентарно мнозинство. Наредните денови преговори за ново мнозинство и нова влада најавија лидерите и на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Иако првично беше најавено дека изјава ќе дадат и од ДУИ, потоа ја откажаа прес конференцијата.
„Ние од денеска почнуваме преговори за нов 4-годишен полн мандат на стабилно мнозинство во парламентот, мнозинство, кое ќе ни донесе стабилна и посветена 4-годишна влада која е подготвена да сработи“, вели Зоран Заев.
„ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период, но и периодот кој што следи се фокусира на преговори со формирање на ново парламентарно мнозинство што ќе значи и нова Влада, Влада која што ќе биде фокусирана на справување со вистинските проблеми“, рече Христијан Мицкоски.
Денешната седница сепак не е завршена, бидејќи останаа уште формирањето на Комисијата за избори и именувања, како и изборот на новиот претседател на Собранието, кое пак зависи од тоа кој ќе го формира парламентарното мнозинство и од преговорите во формирањето на идната Влада.
