Цената на становите во новите згради во центарот на Скопје стигна до 3.000 евра за метар квадратен. Пад не се очекува, напротив би биле среќни ако останат овие цени. Ова во емисијата Бизнис 21 ова го потенцираа Иван Живковски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности и Фросина Ушлиновска, претставник на групација за недвижности при Стопанската комора. Велат зголемената побарувачка, шпекулациите и менталитетот дека мора да се купи стан за децата, најмногу влијаеле за вртоглавиот раст на цените, кои се покачени најмалку двојно.
„Новите згради во општина Центар како најатрактивна општина, меѓутоа не помалку атрактивна е и општина Карпош на територија на Скопје, значи се движат од 2.400, 2500 па до некаде 3.000 и онаа сума која што ја имаме евидентирано 3.100, 3.100 и нешто…“, рече Иван Живковски.
„Побарувачката на недвижности, односно културата на купување недвижности во Македонија си го направи своето. А, луѓето кои што побаруваат односно ги продаваат недвижностите од ракав си ги даваа цените. Видоа дека тоа поминува и тоа не можеше никој да го сопре.. Немавме начин и регулатива како да го сопреме тоа“, изјави Ушлиновска.
Според Ушлиновска потребно е итно да се донесе Закон за промет со недвижности, регулатива со која ќе се регулира работата на сите играчи на пазарот, но и лиценцирање на Агенциите за недвижности кои ги има преку 200.
„Да се исчисти пазарот и тогаш кога мене ќе ме прашаат по која цена да го нудам имотот јас ќе бидам повикана да го правам тоа..Сега кога ќе ме прашаат викам не ме прашувај бидејќи имаш многу шарлатани во оваа работа, прашај си ги нив. Зошто таа бројка ќе ти биде многу позвучна поубава од таа јас што ќе ти ја кажам.“, рече Ушлиновска.
И двајцата не се оптимисти дека цената на станбениот квадрат ќе паѓа.
„Ние би биле среќни и задоволни доколку застанат овие цени тука со некој благ пад во иднина и да се стабилизира пазарот на недвижности“, рече Живковски.
„Ќе се стабилизира, или ако оди ќе оди по некое мало зголемување, парктично со инфлацијата“, рече Ушлиновска.
Живковски вели потребна е заедничка реакција и мерки од повеќе институции за да се стабилизира пазарот со недвижности во земјава.
Податоците на Катастарот покажуваат дека во центарот на Скопје во третиот квартал од годинава е продаден стан од 91 квадрат за 280.000 евра или за над 3.000 евра по метар квадратен.
