Ново детско игралиште во Тафталиџе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Тафталиџе кај противпожарната станица денеска се отвори четвратата од вкупно пет микро локации, што Градот Скопје во соработка со УНДП, Скопје Лаб и граѓаните ги одбраа како локации каде квалитетно ќе се менува средината. Од веќе постоечки тревник, се претвори во ново инклузивно игралиште, што подразбира дека справите се прилагодени и безбедни за децата со попреченост, со цел да им се овозможи да уживаат во овој простор, изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

-Засадени се повеќе од 30 различни видови на растенија, со што добиваме зелен сквер и едно катче каде што на безбеден начин децата ќе може да го поминуваат слободното време. Очекувам дека со ваквите активности, низ различни делови на градот, со анкети до граѓаните, што ќе одговараат на нивните потреби, Градот ќе продолжи и понатаму да ги спроведува оштетените места, додаде Шилегов.

Тој апелираше до граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести, конкретно поврзани со новото игралиште, за кое лажно се тврдеше дека се планира за проширување на паркинг простор.

-Општина Карпош и граѓаните на општината добиваат рекреативна зона, особено наменета за најмладите. Ова е само една од активностите што Град Скопје ја презема на територија на општина Капош. Во изминатиот период беа уредени јавни зони со рекреација и ново зеленило и во Карпош 2, односно на булеварот „Илинденска“ и на улицата „Веселин Маслеше“ во Карпош. Општината паралелно го следи градов во своите активности и интензивно вложува во нови, зелени јавни површини наменети за рекреација, што ќе можат да ги користат граѓаните од сите возрасти, особено најмладите жители на општината и на градот, изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Богоев истакна дека во моментов општината работи на реконструкција на детското игралиште во населбата Бардовци, а комплетно реконструирани се неколку игралишта на територија на општината.

-Ја користам оваа прилика да апелирам до граѓаните да ги чуваат ваквите зони, бидејќи тие се инвестиција на граѓаните, секое оштетување на ваквите зони е исто како да се уништува во сопствениот дом. Ги повикувам сите чинители на одговорно однесување и заедно да се потрудиме ваквите зони да траат што подолго за да ги користат повеќе генерации, додаде тој.

Вики Чадиковска, маркетинг координатор во Државната видеолотарија на Македонија истакна дека компанијата има во план проект преку кој на неколку локации низ земјата ќе бидат изградени повеќенаменски и спортски игралишта.

-Во рамките на овој проект, првото игралиште на кое што ја започнавме оваа идеја е токму ова игралиште, за кое Виделотарија со Казино Австрија обезбеди донација од еден милион денари. Целта на овој проект е да поттикнеме забава, игра, а воедно и да ги мотивираме децата да развиваат здрави навики и да го изградат спортскиот дух, посочи Чадиковска.

Како дел од проектот се и менаџментот на Макпетрол, од каде истакнаа дека преку донација на урбано зеленило во хортикултурното уредување на градот, ја потврдуваат својата определба за одржлив развој преку заштита на животната средина.