Ново рочиште за „Плус“: Одбраната побара спојување на предметите со полицајците, судот одби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Адвокатите на обвинетите во случајот со Кочани бараат да се спои постапката заедно со онаа против 13 полицајци обвинети за тешки дела против општата сигурност. Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот на дискотеката рече дека се работи за ист предмет, а одделни постапки што може да донесе различни одлуки.

„Различните судски совети може да донесат различни заклучоци за истиот кривично правен настан, што може да резултира со одлука за повторување на некоја од двете постапки. Повеќе лица се обвинети за исто кривично дело, за ист кривичен настан, а се водат различни постапки пред ист суд, според Законот за кривична постапка судот треба да ги спои постапките. За да се спречи донесување на две различни пресуди за ист настан“, изјави Коцевска.

И адвокатот Петре Шилегов се согласи со барањето на Коцевска кој истакна дека е неопходно спојување на постапките за да се почне вистинско судење за овој предмет, а со ова се согласија и сите бранители на обвинетите. Судечкиот совет се повлече по што донесе одлука да не го прифати ваквото барање со образложение дека тоа би довело до одолговлекување на постапката.

„Предлогот на одбраната се одбива поради ефикасноста на постапката. Овој предмет веќе е во доказна постапка и тоа би довело до дополнително одолговлекување на процесот“, велат од Судечкиот совет.

Од Јавното обвинителство истакнаа дека тие не се надлежни за кривични постапки во кои се обвинети полицајци и дека има обвинители во специјализираното одделение во Јавното обвинителство на гонење на организиран криминал и корупција.

„Ова прашање за надлежноста е надминато уште на почетокот. Зачудува барањето за спојување на постапката, кога одбраната многу пати приговарала за обемноста на предметот и бројот на обвинети лица. Не сме овластени да постапуваме по предмет од друго Обвинителство“, велат од Јавното обвинителство.

Случајот со 13-мина полициски службеници се води бидејќи тие вечерта на 16 март биле на должност и се наоѓале во дискотеката Пулс и требале да го спречат активирањето на пиротехниката поради кое и настана пожарот. Инаку, на денешното рочиште беа повикани четворица сведоци кои говореа за тоа што се случи таа ноќ. Мартина Ристевска која вечерта била во дискотеката, рече дека со својот мобилен телефон случајно го снимила настанувањето на пожарот бидејќи ја снимала групата ДНК како настапува. Откако пејачот рекол дека треба сите да излезат се направила огромна гужва и сите се упатиле кон вратата каде останале заглавени, но и дека во спасувањето многу помогнале членовите на обезбедувањето.