Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето новогодишно обраќање истакнува дека годината позади нас не била добра, а пандемијата на ковид-19 го нарушила нашиот живот, додека пак лошата власт го направила животот уште полош.
„Ја уништија економијата и ја однесоа во рецесија, додека го распродава идентитетот и наместо европска иднина донесоа вето. Демократијата беше погазена со криминални избори, правдата беше заробена, земјоделците беа обесправени. Го урнисаа здравството, повеќе од 50.000 луѓе останаа без работа, образованието е срушено, криминалот и корупцијата галопираат. Народот осиромашува, власта се богати. Време е да завртиме нов лист“, посочува Мицкоски.
Вели дека Македонија е подобра од загубите кои ги носи власта.
„Вие заслужувате среќа. Потребни се промени и промените ќе дојдат во годината што следи. Силата е во народот, самите сме си креатори на нашата иднина, затоа што ние граѓаните сонуваме, веруваме и дејствуваме. Ние не се откажуваме, ние ќе победиме. Имаме обврска кон нашите деца, и кон нашите предци, да имаме држава со која ќе сме горди. Нашата генерација има добра мисла и намера, знае како да истрае кога е најтешко, и да направи успех кога тоа се чини далечно. Успесите ќе дојдат со промените кои ќе донесат вистина наместо лаги, повеќе пари за граѓаните, сигурност, правда и достоинство“, порачува Мицкоски.
За крај порачува празниците да се поминат во кругот на најмилите и најблиските и додава „Подарете насмевка и љубов и имајте верба. Чувајте го вашето здравје и соберете сила, бидејќи 2021-та ќе е година на промени кои ќе ви донесат повеќе задоволство, зголемена радост, и среќа која секогаш ги следи храбрите“.
