Новогодишната елка беше поставена под вода во Охридското Езеро, во близина на водниот музеј „Залив на коските“, со што симболично беше означен почетокот на новогодишните и божиќните празници, а организаторите нагласуваат дека празничната манифестација е посветена на децата кои страдаат од ретки болести.
Станува збор за традиција која трае повеќе од 20 години, а елката годинава ја поставија нуркачи од нуркачкиот центар „Амфора“, во соработка со Здружението за ретки болести, со поддршка на волонтери на Црвениот крст од Охрид.
„Оваа иницијатива е посветена на децата со ретки болести, мали херои кои нè учат на сила, надеж и љубов секој ден. Нека празничниот дух допре до секое срце и донесе здравје, топлина и поддршка таму каде што е најпотребно“, велат организаторите.
