Нуклеарните експерти кои ги следат настаните во нуклеарната централа Запорожје велат дека ова не е „уште еден Чернобил“, туку дека е многу ризична ситуација, јавува Би-Би-Си.
„За прв пат утрово, јас сум преплашена“, вели експертот за нуклеарни материјали од Универзитетот Шефилд, проф. Клер Коркил.
Се чини дека само еден од шесте реактори во централата сега работи.
Коркил вели дека реакторите се „офлајн“ што значи „тие ја исклучуваат нуклеарната реакција и ги ставаат во безбедна и стабилна состојба“.
Таа додава дека ова можеби била намерата на Русија.
„Ако сакате да го таргетирате нивното напојување, напаѓате зграда блиску до електраната и ги принудувате операторите да ја затворат“, вели таа.
Коркил додава дека „најлошото сценарио“ би било да се оштети снабдувањето со електрична енергија на централата бидејќи „можеме да гледаме сценарио слично на она што се случи во Фукушима во 2011 година, каде што губењето на струја доведе до губење на ладењето, што предизвика топење на три нејзини нуклеарни реактори“.
