Обид за убиство во Струга, уапсени осомничените

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Инцидент се случил во Струга, каде две лица се обиделе да убијат друго лице. Настанот бил евидентиран од страна на полицијата и биле преземени соодветни мерки.

„На 02.08.2025, во 22:20 часот, пред еден трговски објект на улицата „Маркс и Енгелс“ во Струга, Д.У. физички го нападнал А.А. (31) од с. Корешишта, додека В.Б. неколку пати го прободел со нож во пределот на стомакот, а А.У. (38), исто така од истото село, бил повреден на раката. Со итна интервенција на полициските службеници, напаѓачите биле приведени и задржани во СВР Струга.“, вели Стефан Димовски, порпарол на СВР Охрид.

Веднаш по инцидентот, Основното јавно обвинителство во Струга отвори истражна постапка против двете лица поради овој настан.

Според истрагата, првоосомничениот се обидел да го лиши од живот друго лице поради претходни нарушени односи. Второосомничениот, управувајќи возило „БМВ X6“, помогнал при извршување на делото така што ја блокирал патеката на другото возило („Голф 7“), во кое се наоѓале жртвата и уште еден сопатник.

„Двајцата осомничени излегле од возилото и им се приближиле на жртвите, физички напаѓајќи ги – најпрво удирајќи ги со тупаници. Во еден момент, првоосомничениот извадил нож и нанел неколку убоди во стомакот, горниот дел од раката и вратот на жртвата, предизвикувајќи му тешки телесни повреди.“, велат од Јавното обвинителство.

Како што соопштува обвинителството, второто лице кое било во возилото со жртвата се обидело да интервенира за да го спречи нападот, но и тој бил нападнат од првоосомничениот и бил повреден со нож во раката.
За двајцата осомничени е изречена мерка притвор, велат од СВР Охрид.

„СВР Струга поднесе кривична пријава против В.Б. (36) и Д.У. (37), двајцата од с. Корешишта, Струга, поради постоење основи на сомнение дека В.Б. го сторил кривичното дело „обид за убиство“. Судија за претходна постапка им изрече мерка притвор во траење од 30 дена на двајцата осомничени.“, вели Димовски.

Постапката за целосно расчистување на случајот е во тек, како и мерките што дополнително ќе се преземат против двете лица и причините што довеле до овој настан.