Објавена листата со потписите на пратениците – што зборуваше Зејди во Клик Плус?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е листата со потписите на 61 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, АА-ААА, Беса и Левица за уривање на актуелната Влада. Прв се потпишал координаторот на пратеничката група на ВМРО, Никола Мицевски. Листата со имиња продолжува до бројот 45, каде веќе почнуваат потписите на пратениците Албанци. Прв е потписот на Африм Гаши, потоа на Зијадин Села, а по него доаѓа и потписот на Скендер Реџепи-Зејди.

По него следуваат и двајцата пратеници на Левица, Борислав Крмов и Димитар Апасиев, а пратениците на Беса пак, ги заземаат последните места од листата.

Пратеникот Реџепи, синоќа во „Клик Плус“ рече дека е изневерен. Вели дека очекувале да се потпишат и пратениците на ЛДП, наместо Левица, за листата да биде комплетирана.

Ф.А: Дали Ве изневерија?
Скендер Реџепи: Мене да.
Ф.А: Но, кој Ве изневери г.Реџепи?
Скендер Реџепи: Претседателот на Алијанса со промената на листата. Тоа е изневерување, не знам како се нарекува поинаку.

Првиот човек на Алијанса за Албанците, останува на ставот дека не измамил никого, а уште помалку некој пратеник. 

„Човек кога има некоја мака се труди да најде неосновани оправдувања и лаги. Никој не е дете, секој знае дека листата што е потпишана, е потпишана за да се урне Владата“, истакна Зијадин Села.

Меѓутоа Реџепи тврди дека Владата не треба да се сруши по секоја цена без да се знае што на која партија ќе ѝ припадне. Смета дека како партија не треба да влегуваат во игри за уривање на власта, сѐ додека не се дознае каква ќе биде поделбата на ресорите.

„Без претходен договор, ова го велам и во рамките на раководството и стојам зад тоа, доколку партиските органи одлучат поинаку, без договор за поделба на ресори и преземање одговорност во следната Влада, јас не би гласал за рушење на Владата“, посочи Скендер Реџепи.

Алтернатива не е „за“ предвремени избори, но не сака ниту да соработува со Левица за рушење на Владата. Па така, се поставува прашањето – дали има и колкави се изгледите Алтернатива да стане дел од власта со ДУИ и СДСМ? 

„Во моментов кога Владата нема да оди кон рушење, тогаш разгледаме и друга опција – да дадеме можност да ги промениме албанските населени места со тоа што ќе бидеме дел од власта, секако ако се нуди таква опција“, додава Скендер Реџепи.

Пратеникот Зејди изјави дека се потпишани уште четири други листи. На едната од нив претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е овластен за во моментот кога Заев ќе ја достави оставката, тој со листата да му се обрати на Претседателот за да го земе мандатот.