Обрасците за пасоши може да пристигнат за една недела

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска повтори дека наскоро се очекува да пристигнат обрасците за пасоши, по што како што рече, ќе бидат ангажирани повеќе припадници на управните служби на МВР со цел во кус период да се изготват пасошите за околу 20 илјади граѓани кои имаат поднесено барања и треба да ги добијат патните исправи.

Тој рече дека ширењето на коронавирусот не го намалило интересот на граѓаните за барања за патни исправи.

– За жал, интересот не е намален. Во постапка за издавања на пасоши односно баратели се нешто помалку од 20 илјади лица на коишто им должи МВР издавање на патни исправи. Согласно со договорот што е склучен од претходниот министер Оливер Спасовски патните исправи треба да дојдат на 24 март. Имаме ветување од „Веридос“ дека патните исправи ќе стигнат седум до 10 дена пред овој рок, значи некаде од 15 до 17, 18 март, според нивното ветување, иако тоа не е обврзувачко врз основа на договорот, рече министерот Чулев.